Tuesday, April 16, 2013

Еееее ама уживавме!

Во едно поинакво време, на истово место каде што живеам сега, на истата улица, во истата населба живееја јунаците од тоа време на оваа иста улица.
Брат ми и пријателите од нашата улица. Сите тие денес ја раситнуваат триеската, некои и ја надминале и втората половина од триеската.
Тоа се оние јунаци кои ми пикаа камења во тренерките за да не одам по нив ко загар, а јас шо да прам, немав многу од мојата генерација, а и некако поинтересни ми беа ГОЛЕМИТЕ.
Во тоа време да имаш гемче од Нинтендо, особено она со Кинг Конг со отварање, со две екранчиња... тоа беше како во денешно време да имаш Плеј Стејшн 5 (е не е сеуште излезен де). Во тоа време имаше еден куп забавни нешта шо се праеја надвор (надвор - то е она место откако ќе излезиш од собата кај шо ти е компјутеро, па по скалите, па влезната врата и веќе си надвор...).

Меѓу сите тие интересни работи беше читањето на стрипчиња и размена на истите (како јас порано шо сменвав сликчина од Турбо мастики).
Блек Стена, Загор, Дилан Дог, Марти Мистерија... беа само дел од оние шо се провлекуваа низ рацете на горенаведените јунаци. Читаа стрипој и оние шо имаа единици на сколија, а и оние шо имаа петки. Не беше битно тоа. Еден мој драг пријател има една визба стрипој прочитано. Ги чува, подредени под број. Богатство.

И мене ме зафатија тие ветришта, само послабо. Читав стрипој, од оние што брат ми ги имаше и ги складираше во картонски кутии. Но не толку многу колку брат ми, или колку пријателот шо го спомнав.

Кога денес ќе се спомни стрип, се мисли на оние симнатите од интернет. Денес не е забавно да читаш стрипој. Денес е модерно. Само „најјаките фаци“ читаат стрипој и знат шо е то стрип. Виделе по сериите (Биг Бенг Теори на пример) дека најинтелигентните луѓе се оние шо се најголеми фаној на стрипој. И удри, надингај в компјутер од интернет. Од Марвел особено, заради модата во Холивуд, наметната од немањето идеи и ајде удри масовно на  филмување на  Марвеловците.

Целта ми е да потсетам дека во ова време некако ко да ми е незгодно да прам муабет за култни нешта. Конкретно за стрипојте кои ги немаме прочитано. Од тука иди заклучокот дека нема шо да се прај муабет на таа тема.
Со два стрипој прочитани се станува познавач на таа уметност исто колку што со два сати дремење в гаража се станува Мерцедес. Фан можеби, но познавач не. Ама затоа што денес има фаној на сè и сешто, дека е во мода е да си фан, воопшто не ми е битно.

Можеби зад кулисите на ова профитерско, крајно неквалитетно време постои некое друго, подобро, повесело...време. Но до тогаш, јас ќе копнеам за можноста да се преселам на некоја друга планета на која што нема да има интернет и нема некоја шмизла со превртени муцки и со една количка малтер на лицето, со чанта со големина колку приколка за кола, да носи Олстарки ко моите.

П.С. Во Тобако Тогедр кај шо си потрошив неколку месеци од животот се продаваа стрипој. Оние старите, добрите. Но во ново руво, преведени на македонски. Бидејќи имав увид за тековната продажба на сè во салонот (тоа ми беше работа) со точност можам да кажам колку стрипој се продадоја. Два. На моја смена. Дојде еден средовечен човек и зеде еден двоброј (затоа реков два) од Загор. И тоа беше тоа.
Баш се прашувам кај беа сите тие фанојте, оние најинтелигентните, фаците... да ги испокупат, да се тепаат за нив, а не да собираат прашина на рафтојте во продажните места на Тобако и други слични такви трафичина...

П.П.С. Ееее... ама уживавмеее! - помислил малиот Радован кога се појавила ѕвездата Вечерница,  што им свети на децата кога легнуваат.

Monday, April 1, 2013

Само на Мерцедесо каросеријата

Ветувам дека мојата професија нема повеќе да се темели врз една општа некоординираност со околината и на чиста конфликтна практика со луѓето што ме опкружуваат. Ветувам дека повеќе нема да бидам дежурен мрчатор. Ветувам дека нема повеќе да одредувам коефициент на интелигенција по гледани епизоди од шпански, турски, индиски и слични такви збоктис серии, во спротивно, ветувам дека и јас ќе почнам да ги гледам. Ветувам дека нема да правам мајтап на туѓа сметка. Ветувам дека нема повеќе да кажувам црн хумор. Ветувам дека нема да зборувам неубај работи за чупината шо се сликаат со муцки напрчени во нужниците по кафичите, за потоа истите слики да ги стават на фејсбук. Ветувам  дека ќе станам активен член на фејсбук и ќе се зачленам во сите групи од типот: За сите оние шо имаат к*р, или пак познаваат некој шо има к*р, или: Да се собериме 8 миљони души до Велигден... Ветувам дека нема повеќе да зборувам лошо за фонтаната кај Магнолија. Ветувам дека нема да пцујам по дупките на улиците низ градот. Ветувам дека нема повеќе да јадам гомна за ексклузивните ноќни клубови. Ветувам дека нема да зборувам лошо за спомениците и статуите поставени благодарение на моменталната прекрасна власт. Ветувам дека на следните избори ќе бидам озбилен и ќе гласам онака како шо доликува, со заокружување на вистинскиот кандидат, а не за Брус Ли или Крали Марко. Ветувам  дека нема поќе да се бунам за високата цена на крастајците, притоа ветувам и дека нема поќе да пијам ракија. Ветувам дека нема поќе да тврдам дека некој се богати благодарение на високата  цена на бензинот. Ветувам дека и јас ќе си напраам партиска книшка. Ветувам дека ќе лепам плакати. Ветувам дека ќе слушам само турбофолк музика и нема да велам дека таа е исто како да слушам сечење на ламарина со брусалица. Ветувам дека нема повеќе да тврдам дека гласовните способности на турбофолкерите се исто како да слушам чкртање со сува креда по сува табла.
Ветувам дека ќе ги исполнам сите ветувања.
Пи (Ем)Ес: Апри ли ли ли!