Monday, April 20, 2015

Развој со пречки во расказот

…Стигнува судски налог. Лицето то и то на ден тој и тој да се појави во таа и таa касарна поради ослужување на воен рок, во спротивно следи казна која ќе биде изречена бла бла бла…
Толку од моето заобиколување на должноста кон државата. Должноста да се оди војска. Колку само позиви добив…
Не за џабе е речено: Грд си како позив за војска.
Се појавив на одредениот датум во касарната во која требаше да служам воен рок. Касарната која беше на 5 минути од мојот дом.
Тоа ти беше она време во која храната беше најлоша. На времето кога татко ми служел војска, во Краљево, џенем, возел камионче со храна. Таква храна моментално во некој поскап ресторан се наоѓа. Се дебелееле бе. Како прасина јаделе… во копанка. Јас ослабев. Посилен ветер да дувнеше некој, дома ќе ме дувнеше… саламата со штрафој беше. Така ги викавме тие тврдите делој од неа шо не се јадеја… арно ама кантината беше беше прва лига. Пандан на Бомбата.
Кучињата лаеја, денојте си врвеја…
Поштеден од сѐ бев. Единствено не бев поштеден од спијање во магацинот за канцелариски мебел, или пред него, под сенка, кај чешмата… ќе им текни на некои кој бев, ако се погодиле во моја класа… мора да им текни. Во војска да се извајш и да не го прајш она што ти го наредуваат се вика фаќање кривина. Јас фаќав кривина. Поштен кривинаш… со документ.
После три месеци ми го опнаа. Прекоманда. Касарна Илинден. Вод за поддршка. Да му го поддржувам на старешината. Досадно бе. Кантините празни. Кругот празен…
Нема со кој муабет да сториш. Чунки само така врвеше времето, со муабет. Во градот на конзулите беше весело. Постојано имаше некој за муабет…
Не врвеше времето…
Седев потпрен на ѕидо и размислував. Мора некое чаре да се најди.
Се најде. Решив да се одморам од неработењето. Стационар (воена амбуланта). Глата ме боли…
Е таму беше забавно. Млади болничарки и по некој поштен кривинаш. Ко мене. Имаше и хемија… и алкохол…
На шега, во Воена болница (ВБС) ми кажаа дека можам да си одморам и таму. Како јас ќе си одев дома, а во ВБС не сум бил? Шо војник таков јас? Речено-сторено.
Ете ме следниот ден, преговарам за полн пансион во ВБС.
Еден од поглавните доктори во одделот за оние шо имаат проблеми со глата, проблеми кои се добиваат од немање акал, поточно оние кои имаат проблем со болка во шуплината во глата, ми објаснуваше дека поради годишни одмори (лето. Доктурите одат по држајте, на море… ретко кој Претор, ама сепак на годишен одмор) има недостаток на персонал, па одделот за неврологија е споен со одделот за психијатрија, то ест одделот за неврологија се наоѓа во одделот за психијатрија, то ест ми објаснува дека треба да бидам сместен во психијатрија (лудница), а тој оддел е од затворен тип бла бла бла…
-Кај треба да потпишам?! – извикав со широко ококорени очи и со весела насмевка на лицето.
Влегов во царството…
Изгледа не ја погодив сезоната. И ненормалните шо очекував да ги сретнам веројатно беа на годишен одмор. Писание. Само јас да бидам ненормален. Не дека немаше други во одделот. Имаше. Жени имаше еден куп (некои и згодни ќерки имаа, покасно ги запознав на посетите) и мажи. Кој од гла, кој од кичма кој од… од умо само јас тогаш за тогаш.
Во мојата спална имаше едно старче. Исто како мене се викаше. Искултивирано старче. Старче шо има проживеано. На моја желба неколку пати ја викаше болничарката. Најзгодната. Да му става капки во очите. Добар поглед имав јас од мојот кревет. Згодна беше. Црна танга носеше.
Добар беше имењако мој.
 Денојте си врвеа со муабетче и цигарче. Станав дежурен забавувач. Ако спијав ме разбудваа. Времето му врвело побрзо со мене. А и мене со нив, искрено. Ноќе гледав телевизија. Дозволено ми беше колку сакам. Па јас ако бев будала не бев несалам. Го дознаа тоа. Дознаа дека сум поштен кривинаш. Ако. Позитивно влијаев на другите. Си добив и психолог. Ирина. Одлична личност. Станавме пријатели. Секој ден си праефме муабет. Ми рече дека треба да се запишам на психологија. Сум го имал психолошкото во мене. Таа ќе ме снабди со сите потребни материјали, учебници… а и згора на сѐ пракса имам, во лудница…
Имаше таа добра смисла за хумор, баш како и јас.
Веќе третиот ден ме третираа како ептен интегрален дел со одделот. Станав одбор за пречек. Домаќинлук се вика тоа. Е тој третиот ден, влегва еден нов, со мајка му. Појдов да го пречекам и шо ќе видам. Мојот најдобар војнички другар од  касарната во градот на конзулите. Види го ти него. Научил нешто од мене…
Издејствував и средив да го сместат во спалната во која шо сум јас (не на ист кревет де, имаше три, таман за мене, за него и старчето што се викаше исто како мене).
Е тоа беа денови на грмотевицата. Тоа не се опишува, тоа можи само да се доживее. Истиот ден ни се придруже уште еден како нас. Крсте. Платеник шо беше на концерто на Дип Парпал неколку дена пред  да дој во болницата. Си ја шинал полоњата од скокање…
Од Тетово беше.
Овај другаро војнички огорчено ми се обрате:
- Абе од Тетово овај, некое шиптариште...
- Да, КРСТЕ, популарно шиптарско име, браос да ми ти е на забелешката.
Попладне беше. Дојде нов чичко. Чичко Ванче од Раштак. Како шо си носи редот, јас го пречекав со сите почести и не изоставив да го прашам шо навака:
- Па еве, исто како и ти шо имаш проблеми, имам и јас. Често ги мразам сите околу мене, а уште почесто си мавам шамари самиот…
- Ааа чичко Ванче не греши душа, јас овде сум како декор, или како одбор за пречек. Шамари ко мал имам доволно кркано, па доволно сум заситен и не планирам сам да си мавам.
Чичко Ванче беше посебен случај. За во Бардовци, ама имал некој јак доктор во ВБС и го ставиле тука, греота бил за во Бардовци.
Го дрогираа, со апчиња. Немаше гајле. Пак се дружеше со нас. Кул лудак беше Ванче. Се мочаше во пижамите и нови му даваа. Кога јас се побунив за да ми дат нови, еден од болничарите (на заебанција) ми рече:
- Помочај се бе!
Другаро мој војнички по вокација беше Ѓуптин, а по нација беше исто како мене, алкохоличар.
Ама не обичен Ѓуптин. Овај беше школован Ѓуптин, од добра фамилија. Ептен го поштовав.
Ептен се смеевме ко ќе дрдореше дури јадевме и јас ќе му речев:
- Не зборај на јадење бе, Каурка ќе земиш!
Се контревме често. Јас увек победвав:
- Е шо се контриш за џабе кога знајш дека увек победвам?!
- Абе ѓупска работа брат.  – додаваше.
Да. Од Скопје беше. Чак Норис здравје да му дај. И него и на женската негова. Женската ни го носеше забранетото овошје во одделот. Ни носеше по две кила коњак помешен со кока кола. Во шише од кока кола,  така го шверцуваше.
Ќефој!
Се шетавме низ ходник со чаши полни со коњако и кока колата и глумевме дека пијаме алкохол, за другите да си мислат дека е сок. Психологија.
- Брат, глуми малце бе брат, шантај тро, ќе се прајме пијани – му велев.
- Абе пијан сум брат…
- Е  добро, не глуми тогаш, да не згрешиш.
Времиња беа тоа.
Таму бев некој и нешто. Во лудница секој е некој и нешто.
Да. И помогнав и на Мирјана. Таа дојде тука како самоубиец… неуспешен.
Млада, накај триесет. Немажена. Згодна. Не правеше муабет со никој. Спијаше. Излегваше и пушеше четвртина цигара и тивко си заминуваше.
Нов обид за самоубиство. Сакаше со струја… повторно не и успеа. Немаше друг начин. И ги врзаа рацете за креветот.
Криво ми беше, ама веројатно таа беше процедурата.
Молчелива беше како што кажав.
Една вечер, поточно сабајле, после полноќ некое време, јас гледајќи ТВ слушнав глас. Тоа беше таа. Викаше по сестрата. Сестрата (медицинска) којзнае во кој сон беше, а можи и да беше замината да се пука со дежурниот доктор. Не е битно. Појдов јас да видам зошто и треба сестрата.
Вода и се пиело.
И дадов вода. Ми се заблагодари.
Ми рече да поседам со неа, да позборуваме.
Зошто да не.
Зборувавме за општи нешта, ама мене тоа и онака не ме интересираше.
Ја прашав дирек зошто, како, шо…
Ми кажа.
Ми кажа дека и сум најомилен од сите тука во болницата. Дека постојано ми ги слушала муабетите. Сум успевал да ја расположам…
Аха!
-Е па напрај уште една пиздарија ти тука во болницата, по тебе јас ќе напраам. За инает. Па да ти биди криво, дека сум ти омилен!
Се насмеа, ама ја убедив дека сум мртов сериозен. Па ми се допаѓаше бе. Стварно!
После неколку мои реченици со некои такви мои муабети, закани… ме избрка. Ме избрка бе. Ми рече да си одам и дека не можи да ме поднесува поќе.
Следниот ден гледав телевизија и не зборав со никој. Изнервиран бев. Дојде таа. Со весела насмевка ме праша дали ќе ми смета ако гледа заедно со мене телевизија. И одговорив дека нема да ми смета, рамнодушно.
Цел ден беше насмеана. Ме задеваше. Ми праеше мајтап. Да, пробуваше да ме насмее. И успеа. Зборуваше со сите наоколу.
Ми спомна Ирина (психологот) дека кај Мирјана има тотален пресврт во однесувањето. Дека на тестирањата е многу позитивна, за разлика од претходно. Не и беше јасно од каде сето тоа.
И кажав за случката од пред два вечери. Беше воодушевена. Следниот ден сите доктори беа воодушевени. Од мене…
…Дојде денот кога не можеа поќе да ме трпат, то ест кога требаше да си одам дома и како награда добив 10 дена домашна нега. Нормално, кажав, знаеја докторите дека сум поштен кривинаш.
Влегувам во лифтот (на осми кат е психијатрија) и… по мене набрзина влегува Мирјана. И неа ја пуштиле дома. Со нејзиниот брат беше. Му кажа неколку фини зборови за мене. На излегвање од болница силно ме изгушка. Шо ми рече појма неам, ама ми годеше гушкањето.
Нормално, не ја видов од тогаш…

П.С. По десет дена се вратив во касарната Илинден (стационар, ВБС, домашна нега - вкупно 30 дена се собраа). Бев обележан негативец. На мое место ставиле чупиште. Тоа да му го поддржува на старешината. Со презир збораше за мене. Одма сфатив дека цело време чекала да се појавам (хахахаха). Еден полковник зборуваше дека јас и останатите сме претпоследната класа…
После два дена го одложив воениот рок. Ми се можеше. Ја частив сладолед  таа шо го имаше моето место. Се поздравив и си заминав дома. Па нема да бидам ваљда и јас во таа претпоследна класа шо изгубе шест месеци драгоцено време. Нека бидат четири.

П.П.С. Ми текна на случка на мојот последен ден во ВБС. Во одделот доаѓа еден средовечен човек. Јас изразив желба одма да се запознаам. Тина, болничарката:
-Ај не се занесвај, овај не е обичен, туку овај е доктор, многу почитуван доктор…
-Ах моја драга Тина, ќе ми фалиш! Абе шом дошол кај мене на гости, во лудницава, не е доктор. Мој чоек е…

No comments:

Post a Comment